ДЕЛОВНИК ЗА РАБОТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ЧАИР

Врз основа на член 26 , став 1точка 2 од Статутот на Опчтина Чаир (“Службен гласник на Општина Чаир” бр. 10/17), Одлука за измени и дополнување на Деловникот за работа на Советот на Општина Чаир (“Службен гласник на Општина Чаир” број 03/2021) и Заклучокот на Советот на Оштина Чаир бр.08-608 /6 од 53-та седница на Советот на Општина Чаир oдржана на 11.03.2021, Комисијата за Прописи на Советот на Општина Чаир на својата редовна 45-та седница одржана на 14.04.2021 изготви

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1
Со овој Деловник поблиску се уредуваат определени прашања сврзани со организацијата и начинот на работа на Советот на Општина Чаир (во натамошниот текст: Совет) и тоа: конституирањето, односно верификацијата на мандатот на членовите на Советот, правата и должностите на членовите на Советот, правата и должностите на претседателот на Советот, работата на Советот и неговите комисии, права и должности на Младинскиот Совет, програмирањето на работата на Советот, јавноста во работата на Советот и неговите комисии, актите на Советот, донесувањето прописи од надлежност на Советот, претресувањето извештаи, анализи и други материјали, давањето согласност на статути и годишни сметки, односите на Советот со градоначалникот, односите на Советот со јавните служби, односите на Советот со советите на други општини, вршењето на стручни работи за потребите на Советот, измените на деловникот, како и други прашања од значење за работата на Советот.

Член 2
Работата на Советот, постојаните и повремените комисии е јавна, освен во случаите определени со закон, Статутот на Општина Чаир (во натамошниот текст: Статут) и со овој деловник.
По исклучок Советот, постојаните и повремените комисии можат да одлучат да работат без присуство на јавноста, согласно со закон, Статутот на Општина Чаир и овој Деловник.
Одлуката од став 2 на овој член Советот односно комисиите ја донесуваат со двотретинско мнозинство од вкупниот број на членови на Советот, односно на соодветната комисија.`

Член 3
Во работата на Советот, постојаните и повремените комисии, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо , албанскиот јазик и неговото латинско писмо како и турскиот и неговото писмо.
Советот може, во согласност со закон, да донесе одлука во Општина Чаир да се употребува и јазикот што го користат граѓаните кои се застапени со помалку од 20% во вкупниот број на жители на Општина Чаир.

Член 4
Советот одлучува со јавно гласање.
Советот по предлог на свој член подржан од 10 други членови на Советот може да одлучува со тајно гласање.
Одлуката да се гласа тајно се смета за усвоена ако за неа гласало мнозинството членови на Советот што се присутни на седница.

II. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

Член 5

Конституирањето на Советот се врши на првата негова седница која се закажува и одржува на начин предвиден со Законот за Локалната Самоуправа.
На конститутивната седница на Советот се врши верификација на мандатите на избраните членови на Советот и се избира претседател на Советот.
Со конститутивната седница претседава најстариот член на Советот.
Претседавачот на конститутивната седница го чита списокот на избраните членови на Советот и по констатирањето на присуството на мнозинството од избраните членови на Советот, на негов предлог, со мнозинство гласови од присутните членови на Советот се избира Комисија за верификација и мандатни прашања од 5(пет) члена.

Член 6
Комисијата за верификација и мандатни прашања се избира од редот на лицата кои од Изборната комисија на Општина Чаир доибиле уверенија за избор на членови на Советот на последните локални избори.

Член 7
Комисијата за верификација и мандатни прашања врз основа на извештајот на Изборната комисија на Општина Чаир, врши проверка на издадените уверенија, по потреба врши проверка на идентитетот на лицата на кои им се издадени уверенијата, утврдува дали тие се присутни на седницата и му поднесува извештај на Советот со предлог на кои членови на Советот треба да им се вeрификуваат мандатите.
Предлогот за верификација на мандатите на присутните членови на Советот се усвојува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Член 8
Комисијата за верификација и мандатни може да предложи одлагање на верификацијата на мандатот на одделен член присутен на седницата на Советот, заради тоа што:

  • Со сигурност не може да се утврди неговиот идентитет (исто име и презиме со други личности);
  • Постојат индиции за можна неспојивост на функцијата (вработен е во Општинска администрација или презел функција или должност која со закон е утврдена како неспојлива со фунцијата член на Совет);
  • Настапила фактичка неможност за верификација на мандатот под услови утврдени со закон ( престанок на жителството во Општина Чаир,, правосилна пресуда за кривично дело или донесено решение за одземање на деловната способност.

Член 9
Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови, одлучува за предлогот на Комисијата за верификација и мандатни прашања за одлагањето на верификацијата на мандатот на член на Советот.
Доколку има предлози за одлагањето на верификацијата на мандатот на повеќе членови на Советот, за секој предлог Советот гласа одделно.
Ако предлогот за одлагање на верификацијата на мандатот не го добие потребното мнозинство се смета дека Советот, го верификувал мандатот на членот на Советот, чие одлагање се барало.
Член на Советот чиј мандат е оспорен или чија верификација е одложена, има право да присуствува на седница на Советот и да учествува во работата, без право на одлучување.
Oдлагањето на верификација на мандат на член на Советот не може да биде подолго од 2 месеца.

Член 10
Верификацијата на мандатите на членовите на Советот кои не биле присутни на првата седница на Советот, како и на оние кои се избрани на изборите за замена, ја врши Советот на првата седница на која што тие ќе присуствуваат.

Член 11
По верификацијата на мандатите на членовите на Советот, Советот пристапува кон избор на претседател на Советот согласно Статутот на Општина Чаир и овој Деловник.
Претседателот на Советот се избира од редот на членовите на Советот, со јавно гласање.
Изборот на претседател може да се изврши со тајно гласање, доколку за тоа одлучи мнозинството од присутните членови на Советот.

Член 12
Советот го избира претседателот на Советот, со јавно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Член 13
Ако се предложени повеќе кандидати за претседател на Советот, избран е кандидатoт кој добил мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
Доколку, во текот на гласањето, некој од кандидатите, го добие потребното мнозинство, не се гласа за останатите предлози.

Член 14
Претседавачот на седницата на Советот ги повикува членовите на Советот да се изјаснуваат “за“ предлогот, без повикување да се изјаснат “против“, односно “воздржан“.
Членот на Советот во постапката за избор на претседател на Советот со јавно гласање има право да се определи, односно да гласа “за“ само за еден од кандидатите.

Член 15
Доколку во првиот круг никој од кандидатите за претседател на Советот не го добил потребното мнозинство гласови, се пристапува кон втор круг на гласање за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најголем број гласови.

Член 16
Ако во првиот круг повеќе кандидати добиле ист број на гласови, заради што не може да се определат двајца кандидати што имаат најголем број на гласови, гласањето се повторува само за кандидатите што имаат ист број на гласови, со цел да се определат двајцата кандидати за кои ќе се гласа во вториот круг.

Член 17
Во вториот круг на гласање за избран се смета кандидатот што добил повеќе гласови.

Член 18
Изборот на претседател на Советот може да се изврши со тајно гласање, доколку за таков предлог на член на Советот одлучи Советот со мнозинство гласови од присутните членови на Советот.
Тајно гласање се врши со гласачки ливчиња.
Со тајното гласање раководи Комисија што ја избира Советот.
Комисијата се состои од 5 члена.
Комисијата од својот состав избира претседател на Комисијата.

Член 19
На гласачкото ливче се отпечатуваат имињата на лицата предложени за избор и тоа според редот на поднесените предлози.
На гласањето за избор пред името на кандидатот се става реден број.

Член 20
Гласачките ливчиња мора да бидат со еднаква големина, боја и форма.
На секое гласачко ливче се става реден број, согласно на бројот на членовите на Советот и печатот на Општина Чаир.

Член 21
Секој присутен член на Советот добива по едно гласачко ливче.
Откако ќе се утврди дека сите присутни членови на Советот добиле по едно гласачко ливче, претседавачот ќе ги даде потребните објаснувања за начинот на гласањето и ќе го определи времето потребно за гласање кое не може да биде подолго од 30 минути.
По истекот на определеното време, претседавачот ја повикува комисијата да пристапи кон пребројување на гласовите.
Kомисијата е должна на Советот да му поднесе извештај најдолго во рок од 90 минути по завршувањето на тајото гласање.

Член 22
Членот на Советот го спушта гласачкото ливче во поставената гласачка кутија, на начин кој обезбедува тајност на дадениот глас.

Член 23
При гласањето за избор, членот на Советот гласа со заокружување на редниот број пред името и презимето на кандидатот за кого гласал.
Гласачкото ливче од кое не може јасно да се утврди за кого е гласано (заокружени се повеќе кандидати, ливчето е преправано,прешкртано , искинато или непополнето) се смета за неважечко.

Член 24
По гласањето на сите присутни членови на Советот и откако претседателот ќе објави дека гласањето е завршено, се преминува на утврдување на резултатите од гласањето.
Резултатите од гласањето се утврдуваат врз основа на предадените гласачки ливчиња.

Член 25
По завршување на гласањето и броењето на гласачките ливчиња, претседателот на Комисијата ќе го објави резултатот од гласањето и ќе соопшти колку членови на Советот подигнале гласачки ливчиња, колку гласале и колку гласови добил секој од кандидатите.

Член 26
Врз основа на извештајот на Комисијата, претседавачот ќе констатира кој од кандидатите е избран за претседател на Советот.

Член 27
Доколку, ниту еден од кандидатите не е избран за претседател на Советот во првиот круг на гласање, односно не го добил потребното мозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, претседавачот ќе констатира за кои двајца кандидати, кои добиле најголем број гласови во првиот круг на гласање, ќе се пристапи кон гласање во вториот круг.
Ако во првиот круг повеќе кандидати добиле ист број на гласови, заради што не може да се определат двајца кандидати што имаат најголем број на гласови, гласањето се повторува само за кандидатите што имаат ист број на гласови, со цел да се определат двајцата кандидати за кои ќе се гласа во вториот круг.

Член 28
Во постапката и начинот на гласање во вториот круг, со двајца кандидати, соодветно се применуваат одредбите од овој деловник што се однесуваат на гласањето во првиот круг.

Член 29
Во вториот круг на гласање за избран се смета кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Член 30
Разрешувањето на претседателот на Советот, се врши на начин утврден со Статутот, а гласањето се спроведува со соодветна примена на одредбите на овој деловник за избор на претседател на Советот со јавно или тајно гласање.

Член 31
Со изборот на претседател на Советот, Конститутивната седница на Советот на Општина Чаир се смета за завршена.

III. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

1. Заеднички одредби

Член 32
Членот на Советот ги остварува правата и должностите утврдени со закон, Статутот и со овој Деловник.

Член 33
Заради вршење на својата должност, членот на Советот има право од Градоначалникот, Општинската администрација, јавните служби основани од Општина Чаир и од други институции, да бара податоци што му се потребни за неговата работа во Советот.

Член 34
Општинската администрација и органите на управување на јавните служби основани од Општина Чаир, на членовите на Советот должни се:

  • Да им укажуваат стручна помош во изработувањето на предлозите што тие му ги поднесуваат на Советот, односно комисиите, во поставувањето на советнички прашања и во вршењето на други работи што им ги доверил Советот, односно работното тело;
  • Да им обезбедуваат дополнителна документација која им е потребна за нивната работа;
  • Да им даваат стручни објаснувања и појаснувања за проблемите на кои тие работат;
  • Да се грижат за обезбедување на технички услови за нивната работа.

Член 35
Членовите на Советот имаат право да ги користат просториите на Општина Чаир за извршување на нивните права и должности.

2. Присуствување на седници и учество во работата на Советот и на постојните и повремените комисии

Член 36
Членот на Советот има право и должност да присуствува на седниците на Советот, постојаните и повремените комисии во кои членува и да учествува во работата и одлучувањето.

Член 37
Членот на Советот има право да присуствува и на седниците на комисиите во кои не е член, како и право да учествува во нивната работа, но без право на одлучување.

Член 38
За присуството на седниците на Советот и на комисиите во кои членуваат членовите на Советот, се води евиденција за присаство.
За спреченост за присаство на седница на Советот и на комисиите , советникот е должен сворто неприсаство гда го пријави кај претседателот на Советот или Општинската администрација која е должна да го извести претседателот на Советот на општина Чаир.
За неоправдано отсаство од седницата на Советот и на комисиите на Советниците не им се плаќа надоместок за присаство на седници и патни и дневни трошкови.
Евиденцијата ја води општин.администрација, а ја потврдува претсед. на Советот.

Член 39
Кога член на Советот трипати едноподруго отсуствувал од седниците на Советот, а не го оправдал своето отсуство, претседателот на Советот покренува иницијатива пред Комисијата за верификација и мандатни прашања со цел да ги утврди причините за отсуството и да утврди дали постојат законски услови за одземање на мандатот на членот на Советот или за разрешување на членот на Советот од комисиите во кои членува .

3. Покренување иницијативи и поднесување предлози

Член 40
Членот на Советот има право на седниците на Советот:

  • Да предлага избор и разрешување на претседател на Советот, претседатели и членови на комисиите и посебните тела на Општина Чаир, членови на органите на управување на јавните служби, основани од Општина Чаир што Советот ги избира односно именува, на начин и под услови утврдени со закон, Статут и овој Деловник;
  • Да ги изнесува предлозите и мислењата на граѓаните и да му предлага на Советот заземање ставови за тие предлози и мислења;
  • Да дава иницијативи за донесување на прописи од надлежност на Советот, како и да поднесува амандмани на предлозите на прописите;
  • Да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите;
  • Да иницира распишување референдум за решавање на прашања од интерес за Општина Чаир, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на одлуки или за нивно потврдување;
  • Да предлага разгледување на прашања, појави и состојби, од надлежност на Советот на Општина Чаир што се од значење за определена дејност, како и од значење за граѓаните;
  • Да предлага претресување на прашања кои се однесуваат на работата на Градоначалникот;
  • Да предлага разгледување на прашања што се однесуваат на остварувањето на надзорот над вршењето на работите од надлежност на Општина Чаир.
  • Да предлага разгледување на прашања во врска со состојбата во дејностите за кои Општина Чаир основал јавни служби, како и прашања во врска со остварувањето на надзорот над нивната работа;
  • Да предлага спроведување на анкети по прашања од надлежност на Советот и
  • Да иницира и да предлага разгледување на други прашања утврдени со закон и Статутот на Општина Чаир.

4. Поставување советнички прашања

Член 41
Членот на Советот има право на Градоначалникот и на раководните органи, односно членовите на органите на управување на јавните служби, што ги основа Општина Чаир, да им поставува прашања (советнички прашања) што се однесуваат на нивната работа или на работата од нивна надлежност, односно од надлежност на органите и службите.
Прашањето треба да е кратко и прецизно, при што членот на Советот треба да означи на кого му е упатено прашањето.
Кон поставеното прашање членот на Советот може да даде и образложение поврзано со истото, во траење до 5 минути.

Член 42 
Прашањето маже да се поставува усно на седница на Советот, односно писмено меѓу две седници.
На усно поставеното прашање по правило се одговара на седницата на која е поставено прашањето, доколку се присутни лицето на кое му е поставено или претставникот на институцијата на која тоа се однесува.
Ако на поставеното прашање не може да се даде целосен одговор на таа седница или ако се отсутни лицето на кое му е поставено или претставникот на институцијата на која тоа се однесува, одговорот во целост ќе се даде писмено или усно на наредната седница на Советот.
Членот на Советот може да побара на прашањето да му се одговори писмено.

Член 43
На прашањето поставено до Градоначалникот, одговор дава Градоначалникот или лице што тој го овластил.
Кога одговорот го дава лице овластено од страна на Градоначалникот, се смета дека одговорот го дал Градоначалникот.

Член 44
По примениот одговор, членот на Советот кој го поставил прашањето може да постави и дополнително прашање.

Член 45
Доколку членот на Советот не е задоволен од добиениот одговор на прашањето, може да им предложи на Советот или Градначалникот да ги разрешат раководните лица и носителите на функција, што ги смета за одговорни за состојбите од кои не е задоволен.
За предлогот од став 1 на овој член, органите на Општина Чаир одлучуваат во рамките на нивната надлежност.

5. Чување тајна

Член 46
Членот на Советот е должен да чува тајна.
Како тајна се сметаат податоците што членот на Советот ќе ги дознае на седницата на Советот или комисиите, во врска со прашањата за кои на седницата се расправа без присуство на јавноста.
За тајна се сметаат и сите материјали што му се упатуваат на Советот и комисиите, а кои се означени како такви.
Со материјалите што се сметаат за тајна се постапува согласно со напомената-упатството за ракување и чување на материјалите, што се проследува заедно со тие материјали.

6. Конфликт на интереси на членови насоветот

Член 47
Членот на Советот не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, дете или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.
Членот на Советот е должен да го информира Советот за прашањата за кои тој има финансиски или друг личен интерес.
Членот на Советот, не може да биде вработен во општинската администрација.
Со денот на вработувањето согласно со став 3 на овој член ќе се смета дека членот на Советот поднел оставка.
Членот на Советот вработен во јавните служби кои ги основал Општината, не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања што се однесуваат на јавната служба во која е вработен.

7. Престанок и одземање на мандатот на членовите на Советот

Член 48
На член на Советот му престанува мандатот во случаите утврдени со закон.

Член 49
Членот на Советот има право да поднесе писмена оставка и да ја образложи.

Писмената оставка, членот на Советот, ја поднесува преку архивата на Општината до претседателот на Советот.

Поднесената оставка од страна на архивата се доставува до претседателот на Советот, кој ја проследува до членовите на Советот.

Оставката може усно да се поднесе и образложи на самата седница на Советот.

По поднесувањето на оставката, Советот на самата седница или првата наредна, без расправа, констатира престанок на мандатот на членот на Советот.

Член 50
На член на Советот му престанува мандатот кога ќе се вработи во Општинска администрација, како и кога презел функција, односно служба која, според законот, е неспојлива со вршењето на функцијата член на Совет.

За настанување на случајот на неспојливост, членот на Советот е должен веднаш да го извести претседателот на Советот.

Член 51
На членот на Советот може да му биде одземен мандатот доколку трипати едноподруго неоправдано отсуствувал од седниците на Советот, ако се утврди неоправданоста на осуството.

Член 52
Претседателот на Советот е должен да ја извести Комисијата за верификација и мандатни прашања да го внесе во предлогот на дневниот ред за првата наредна седница на Советот секој случај што со себе повлекува престанок на мандатот на некој од членовите на Советот.
Комисијата за верификација и мандатни прашања, е должна на Советот да му поднесе извештај и предлог заради констатирање престанок на мандатот или донесување Одлука за одземање на мандатот на член на Советот.
Советот ќе се произнесе по однос на мандатот на член на Советот и ако Комисијата за верификација и мандатни прашања, не поднесе извештај и не даде предлог во врска со настанатата состојба.

Член 53
Претседателот на Советот ја известува Изборната комисија на Општина Чаир,за утврдениот престанок или одземен мандат на членот на Советот, со барање да се издаде уверение за избор на член на Советот од листата на предлагачот од која бил избран членот на Советот на кој му престанал или му е одземен мандатот.

IV. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ

1. Права и должности на претседат. на Советот.

Член 54
Претседателот на Советот го претставува Советот и врши други работи определени со закон, Статут на Општина Чаир и овој Деловник, а особено:

  • Ги свикува и раководи со седниците на Советот
  • Предлага дневен ред за седниците на Советот
  • Се грижи за организацијата и работата на Советот
  • Ги потпишува одлуките и актите на Советот и ги доставува на Градоначалникот заради објавување
  • Дава иницијатива за разгледување одделни прашања од делокругот на Советот и комисиите и се грижи за усогласување на нивната работа
  • Ја поттикнува и помага меѓусебната соработка на комисиите на Советот и се грижи за нивната соработка со други органи
  • Ги закажува седниците на комисиите кога по барање на членовите на комисијата седницата нема да ја закаже претседателот на комисијата
  • Се грижи за примената на Деловникот за работа на Советот
  • Ги толкува одредбите од Деловникот за работа на Советот
  • Врши и други работи определени со закон, Статут и со овој Деловник

Член 55
Претседателот на Советот има право да учествува во работата на комисиите на Советот и да им предлага прашања од нивната надлежност.

Член 56
Претседателот на Советот може заради организација на работата на Советот да формира Координативно тело кое:

  • Ја планира динамиката на седниците на Советот, во зависност од значењето, природата и времето на поднесување на предлозите на акти и други материјали
  • Иницира предлози за дневен ред и одржување на седниците на Советот

Координативното тело го сочинуваат по еден член од листата за избрани членови на Советот кои добила мандати на одржаните локални избори за Општина Чаир.
Членовите на Координативното тело може да имаат заменици кои ќе учествуваат во работата на Координативното тело во случај на нивна спреченостза да присаствуваат на седница.
Во работата на Координативното тело може да зема учество претседателот или заменик претседателот на Младинскиот Совет. 

V. РАБОТА НА СОВЕТОТ

1. Свикување на седниците

Член 57
Седниците ги свикува претседателот на Советот на своја иницијатива.
Седница на Советот, во согласност со закон, може да се свика и на барање на Градоначалникот, како и на барање на најмалку ¼ од членовите на Советот, во рок од 15 дена од поднесувањето на барањето.
Доколку претседателот на Советот не ја закаже седницата по барање на членовите на Советот, седницата може да ја свикаат подносителите на барањето, да го предложат дневниот ред на седницата, а со седницата да раководи претседавач што ќе го избере Советот за таа седница.
Во случај на вонредна состојба,кризна состојба, епидемија кога советот поради објективни причини не може да се состане или за тоа постои ризик , Седницата на Советот се закажува и одржува преку електронска платформа (конференциска).

Член 58
Покана за седница на Советот им се испраќа на сите членови на Советот, најдоцна 7 дена пред денот определен за одржување на седницата.
Заедно со поканата, на членовите на Советот им се доставува предлог на дневен ред и соодветен материјал за прашањата што се предлагаат за дневениот ред.
По исклучок, во итни случаи, утврдени со Статутот, претседателот на Советот може да свика вонредна седница и во рок покус од 7 дена.
Заедно со поканата за вонредна седница на членовите на Советот се доставува и дневен ред.
Советот не може да го менува дневниот ред за вонредната седница.
Пред да започне вонредната седница, Советот гласа за оправданоста за вонредна седница.
Доколку Советот не изгласа оправданост за вонредна седница, седницата нема да се одржи.

2. Дневен ред

Член 59
Прва точка на дневниот ред е усвојување на записникот од претходната седница на советот.
Дневниот ред на седницата на Советот се утврдува на предлог на претседателот на Советот на почетокот на седницата, со мнозинство гласови на присутните членови на Советот.

Член 60
Секој член на Советот може на седницата да предложи:

  • Предложениот редослед на точките на дневниот ред да се измени;
  • Некоја од предложените точки да се симне од дневниот ред;
  • Дневниот ред да се дополни со нова точка, за која смета дека има потреба од неодложна расправа за неа, при што е должен да ја образложи итноста на предлогот.

Градоначалникот може да предложи дополнување на дневниот ред на самата седница при што е должен тој или негов претставник да ја образложи итноста на предлогот.
Советот со мнозинство гласови на присутните членови одлучува, без претрес, одделно за секој предлог за измена и дополнување на предложениот дневен ред.
Доколку е прифатен предлогот за симнување на некоја од предложените точки од дневниот ред, не може да се бара нејзино повторно внесување во дневниот ред во текот на истата седница.

3. Претседавање и учество

Член 61

Со седниците на Советот претседава претседателот на Советот.
Во работата на седниците на Советот, без право на одлучување, можат да учествуваат и поканетите претставници на јавните служби.
Во работата на Советот учествуваат и членовите на Младинскиот Совет при Општина Чаир без право на глас.

Член 62
На седниците на Советот никој не може да говори пред да побара и добие збор од претседателот на Советот.
Пријавите за збор е лично откако ќе започне претресот по точката од дневниот ред и може да се побара се до неговото завршување.

Член 63
Членот на Советот говори од говорницата или од своето место доколку има технички услови сите присутни да го следат неговото излагање.
Членовите на Советот имаат право да говорат на службените јазици во Општина Чаир.
Во текот на работата на Советот, се обезбедува превод на службените јазици во Општината за да можат да се следат излагањата .

Член 64
Претседателот се грижи членот на Советот, кој добил збор, да не биде попречуван во својот говор.
Само претседателот може по потреба ,членот на Советот да го опомене или да го прекине во говорот.

Член 65
Претседателот им дава збор на членовите на Советот по редот на нивното пријавување.
Претседателот веднаш ќе му даде збор на членот на Советот кој сака да земе збор во врска со повреда или неправилна примена на одредбите на Деловникот или на утврдениот дневен ред (процедурално прашање).
Говорот на овој член на Советот трае до 3 минути.
По излагањето на членот на Советот претседателот или лице овластено од него е должен да даде објаснување.

Член 66
Претседателот ќе му даде збор (реплика) на член на Советот за да го појасни својот претходно изнесен став ,кој погрешно e интерпретирано или кое предизвикало недоразбирање.
Претседателот ќе му даде збор на член на Советот да реплицира и во случај кога е спомнат во дискусијата на некој од претходните дискутанти. Зборот за реплика членот на Советотот ќе го добие по дискусијата во која е спомнат.
Во својата реплика, која не може да трае подолго од 3 минути, членот на Советот мора да се ограничи на исправката, односно на личното објаснување.
Членот на Советот на кого му е упатена репликата, има право на одговор, во траење од 1 минута.
Членовите на Советот, правото на реплика и одговорот на репликата по една точка од дневниот ред, може да го користат само еднаш во текот на расправата на еден од членовите на Советот.

Член 67
Членот на Советот може да говори само по прашање што е на дневен ред.
Ако членот на Советот се оддалечи од дневниот ред, претседателот ќе го повика да се придржува на дневниот ред.
Ако членот на Советот и по повторната опомена не се придржува на дневниот ред, претседателот може да му го одземе зборот.

Член 68
Членот на Советот по една точка од дневниот ред може да земе збор за дискусија еднаш во траење до 10 минути, а координаторот на советничка група и претседателот на комисија, доколку се разгледува точка за која е надлежна комисијата, до 15 минути.

4. Одржување на редот

Член 69

За одржување на редот на седниците се грижи претседателот на Советот.

Член 70
За повреда на редот на седницата, против членот на Советот кој го повредува редот може да се изречат следните мерки: опомена, одземање на зборот и отстранување од седницата.
Изречените мерки се внесуваат во записникот на седницата.

Член 71
Мерката опомена ќе му се изрече на членот на Советот кој со своето однесување, со земање збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор, или со слична постапка го нарушува редот на седницата и одредбите на овој деловник.
Мерката одземање на зборот ќе му се изрече на член на Советот кој со својот говор на седницата, отстапува од дневниот ред, го повредува редот на седницата и одредбите на овој деловник или на истата седница два пати е повикан да не го наруши редот на седницата и одредбите на овој деловник.
Мерките ги изрекува претседателот на Советот.

Член 72
Мерката отстранување од седницата му се изрекува на членот на Советот кога и покрај изречените мерки опомена и одземање на збор, ја попречува работата на седницата,го навредува Советот или членовите, или во говорот употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Советот.
Членот на Советот може да биде отстранет само од седницата на која го повредил редот.

Член 73
Членот на Советот на кој му е изречена мерката отстранување од седницата е должен веднаш да се оддалечи од седницата и не може повеќе да присуствува на седницата од која е отстранет.

Член 74
Ако со редовни мерки не може да го одржи редот на седницата, претседателот ќе одреди краток прекин на седницата, а ако и после тоа не може да се воспостави редот, ќе ја прекине седницата и ќе го најави нејзиното продолжение во термин кога ќе се создадат поволни услови за работа.

Член 75
Претседателот може да нареди од салата во која се одржува седницата да се отстрани секое лице кое го нарушува редот.

Член 76
Сите лица кои се наоѓаат во просториите на Советот, додека трае седницата, по службена должност се должни да ги извршат налозите на претседателот во поглед на одржувањето на редот.

5. Тек на седницата

Член 77

По усвојувањето на дневниот ред, претседателот ги информира членовите на Советот за дополнително доставените или пред седницата поделените материјали и дава други соопштенија што се од значење за работата на седницата и што треба да се имаат предвид при одлучувањето.

Член 78
Седницата се одржува според усвоениот дневен ред, а претседателот е должен да отвора претрес по секоја од точките, освен ако со закон, Статутот и со овој деловник е определено да се одлучува без претрес.
По исклучок, измена во редоследот на расправата по точките од усвоениот дневен ред, може да се направи само ако на предлог на градоначалникот или член на Советот, така одлучи Советот со мнозинство гласови од присутните членови на Советот.

Член 79
Претресот по определено прашање трае и се води се додека по него има пријавени за збор.
Претседателот го заклучува претресот откога ќе утврди дека повеќе нема пријавени за збор.

Член 80
Претседателот на Советот ќе даде пауза во текот на претресот по определени прашања по сопствена иницијатива или кога тоа ќе го побара координаторот на советничката група.
Паузата од став 1 на овој член, посочените субјекти, освен претседателот на Советот, може да ја побараат најмогу три пати на иста седница во вкупно траење од 45 минути.

Член 81
Претресот по прашањата од дневниот ред завршува со донесувањето пропис или друг акт, со донесувањето заклучок или со прост премин на наредната точка од дневниот ред.

6. Мнозинство за работа

Член 82

Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот.
Ако претседателот смета дека на седницата не присуствуваат доволен број членови на Советот, ќе побара да се изврши прозивка.
Прозивката ќе се изврши и ако тоа го побара член на Советот.
Ако се утврди дека на седницата не присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот, седницата не може да се одржи, односно ако е веќе започната се прекинува.
Во случаj од став 4 на овој член, претседателот ја презакажува седницата, со писмено известување упатено на сите членови на Советот.

7. Одлучување

Член 83

Советот може полноважно да одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број на членови на Советот на Општина Чаир.
Општите акти (прописите) со кои Советот ги уредува надлежностите на Општината Чаир се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
Другите одлуки Советот ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови на седницата на Советот но не помал број од 1/3 од вкупниот број на членови на Советот.
Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на Општина Чаир, именувањето на улици, плоштади, мостови и други инфрструктурни објекти, како и други прописи утврдени со закон, се усвојуваат со мнозинство гласови на присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот, кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општина Чаир.

Член 84

Членовите на Советот гласаат на тој начин што се изјаснуваат “за„, “против„ или “воздржан„.

Член 85
Јавното гласање може да се врши со користење на соодветен електронски ситем, со кревање на рака или со поименично усно изјаснување.

Член 86
Гласањето со употреба на соодветен електронски систем, се врши на начин кој овозможува секој од членовите на советот да гласа и да се евидентира секој даден глас “за„, “против„ или “воздржан„, и да се утврди збирот на гласовите, односно резултатот од гласањето.

Член 87
Гласањето со кревање на рака се врши на тој начин што претседателот ги повикува членовите на Советот најнапред да се изјаснат кои се “за„ предлогот, потоа да се изјаснат кои се “против„ предлогот и на крајот да се изјаснат тие што се “воздржани„.

Член 88
Поименично гласање се врши кога претседателот смета дека е потребно точно да се утврди резултатот од гласањето или кога се донесува пропис согласно член 83 став 4 од овој деловник.
Поименично гласање се врши и кога тоа ќе го побара член на Советот, чиј предлог ќе го поддржат 10 члена на Советот.
Поименично гласање задолжително се врши ако Седницата се одвива онлајн преку електронска платформа ( конференциска ).
При поименично гласање членовите на Советот, усно се изјаснуваат дали се “за„, “против„ или “воздржан„.
Прозивката ја врши претседателот на Советот.

8. Записници

Член 89

Седниците на Советот на Општина Чаир се снимаат електронски.
За работата на седниците на Советот се води записник.
Записникот содржи основни податоци за работата на седницата, а особено за бројот на присутните и имињата и презимињата на оправдано отсутните членови на Советот и на членовите кои не го најавиле своето отсуство, поставените советнички прашања и дадените одговори на седницата, дневниот ред што е усвоен на седницата, предлозите и амандманите што се поднесени на седницата и за прописите, другите акти и заклучоците што се донесени.
Во записникот се внесуваат резултатите од гласањето по одделни прашања.
Членот на Советот кој на седницата издвоил мислење, може да побара во записникот да се внесат битните делови од неговата изјава.

Член 90
Записникот им се испраќа на членовите на Советот и Младинскиот Совет, по правило, заедно со поканата за одржување на наредната седница.

Член 91
Записникот на кој не се ставени забелешки, односно записникот во кој согласно со усвоените забелешки на Советот, се извршени измени се смета за усвоен.
Усвоениот записник го потпишува претседателот на Советот.
За составувањето на записникот и за чувањето на оригиналните записници и електронски записи од седниците на Советот се грижи oпштинската администрација.

Член 92
Работата на седниците на Советот се снима – тонско или А/В снимање.
Составен дел на снимениот материјал од седницата се и непрочитаните говори на членовите на Советот што на седницата, во текот на претресот, писмено се приложени.
Снимениот материјал им се ставаат на увид на членовите на Советот, по нивно барање.
Секој член на Советот има право да побара во снимениот материјал да се изврши исправка во неговото излагање, но без внесување на битни измени.
За остварувањето на ова право на членовите на Советот се грижи претседателот на Советот.
Ако се појави спор за основаноста на барањето за исправка во снимениот материјал, се одлучува на седница на Советот, без претрес.
Снимениот материјал за работата на Советот се чува во документацијата на општинската администрација.

VI. ПРОГРАМИРАЊЕ НА РАБОТАТА НА СОВЕТОТ

Член 93
Работата на Советот се одвива според програма за работа на Советот што ја донесува Советот за една календарска година.

Член 94
Основа за изработка на програмата за работа на Советот се работите што со закон се ставени во надлежност на Советот.

Член 95
Предлози за внесување на одделни задачи и работи во програмата за работа на Советот можат да поднесуваат:

  • Членовите на Советот, комисиите, посебните тела на Општина Чаир и Градоначалникот;
  • Органите на државната управа;
  • Јавните служби основани од Општина Чаир
  • Младински Совет при Општина Чаир
  • Урбаните и месните заедници од подрачјето на Општина Чаир
  • Здруженијата на граѓани и
  • Други заинтересирани субјекти.

Член 96
Програмата за работа на Советот особено содржи:

  • Назив на одлуките и другите општи акти и прашањата, односно темите што ќе ги разгледува Советот;
  • Субјектите задолжени за изготвување на актите и другите материјали и субјектите кои соработуваат во извршувањето на задачите и работите;
  • Предлагач на актите и другите материјали;
  • Државните органи од кои ќе се бара согласност за актите, доколку давањето согласност е предвидено со закон;
  • Роковите во кои одделни работи треба да се извршат.

Во програмата за работа се назначува кои документи се даваат на јавна или стручна расправа или на друг облик на непосредно изјаснување на граѓаните.

Член 97
Задолжените субјекти се должни во дадени рокови тие акти и материјали да му ги поднесат до Советот на Општината на разгледува. и усвојување.
Доколку од одредени причини тоа не е можно, должни се за тоа навреме да го известат Советот и да ги наведат причините заради кои не може да ги извршат програмираните задачи во предвидениот рок.

VII. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА СОВЕТОТ

Член 98
Седниците на Советот се јавни. Заинтересираните граѓани може да присуствуваат на седниците на Советот, со претходна најава и одобрување од претседателот на Советот на Општина Чаир.

Член 99
Советот ја известува јавноста за прашањата што се разгледуваат и за кои се одлучува во Советот, за своите одлуки и ставови по тие прашања, како и за работата на комисиите, при што развива и користи најразлични форми за известување.

Член 100
Претставниците на средствата за јавно информирање имаат право да присуствуваат на седниците на Советот и на комисиите и да ја известуваат јавноста за нивната работа.
За седница на Советот на која се претресува некое прашање без присуство на јавноста, Советот може да ја извести јавноста преку давање соопштение.

Член 101
На претставниците на средствата за јавно информирање им се ставаат на располагање нацртите , предлозите на прописите, информативни материјали, извештаите за работа на комисиите на Советот и записници од седниците на Советот, освен ако одделно прашање кои се разгледани без присуство на јавноста.

Член 102
Советот може да одлучи за нацрт, односно предлог на определена одлука или на друг општ акт кој се разгледува во Советот, да се објави преку печатот или во посебна публикација.

Член 103
Советот може заради известување на јавноста за својата работа да одлучи да се даде официјално соопштение на средствата за јавно информирање.

Член 104
Конференција за печатот по прашања од надлежност на Советот, односно во врска со неговата работа, одржува претседателот на Советот, по сопствена иницијатива или кога така ќе одлучи Советот.
Претседателот на Советот, односно Советот може да определи друг член на Советот, кој ќе ја одржи конференцијата за печатот.

VIII. АКТИ НА СОВЕТОТ

Член 105
Советот донесува прописи за уредување на прашањата од своја надлежност и го следи нивното извршување.
Советот донесува Статут, Деловник на Советот, буџет и годишна сметка за извршување на буџетот, програми, планови, одлуки, правилници, препораки, заклучоци, Локална стратегија за млади и други акти.
Советот на Општина Чаир го верификува мандатот на членовите на Младинскиот Совет при Општина Чаир по добиена Одлука од страна на Собранието на млади на Општина Чаир.
Одредбите на овој Деловник, што се однесуваат на постапката за донесување одлуки, соодветно се применуваат и на постапката за донесување на прописи и други акти од став 2 на овој член, доколку со закон и Статутот не е поинаку определено.
Прописите на Советот се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот на Општина Чаир.
Актите кои немаат каректер на пропис, се донсеуваат со мнозинство гласови од присутните членови на Советот на Општина Чаир но не помал број од 1/3 од вкупниот број на членови на Советот.

Член 106
Со препорака се укажува на значењето на определени прашања кои се однесуваат на тековните состојби и движења во определена област или на извршувањето на одлуки и други општи акти на Советот и се изразува мислењето на Советот по тие прашања.
Со препораката се укажува на правата и обврските на субјектите на кои име се упатува и на мерките што би требало да ги преземат за решавање на тие прашања.
Препораката нема задолжителен карактер и таа им се упатува на субјектите на кои се однесува со цел да се разгледа и заземат став и да ја насочат својата акција кон прашања на кои се однесува препораката и за тоа да го известат Советот.

Член 107
Со заклучок Советот, во рамките на својот делокруг, може да ги утврдува обврските на Градоначалникот и на јавните служби основани од Општина Чаир, во однос на подготвувањето на одлуки или на други општи акти или во однос на вршењето на други работи од нивниот делокруг.
Со заклучок, Советот утврдува оценки, односно констатации за состојбите и зазема ставови и гледишта во врска со прашањата што ги претресува.

Член 108
Прописите и другите општи и поединечни акти донесени на седница на Советот, печатени на службените јазици во Општина Чаир, ги потпишува претседателот на Советот.
На оригиналите на прописите и на другите акти се става печатот на Општина Чаир.
Оригиналите на прописите и на другите акти на Советот се чуваат во архивата на Општина Чаир.
За чувањето и евиденцијата на оригиналите на прописите и на другите акти на Советот се грижи општинската администрација.

IX. ДОНЕСУВАЊЕ НА ОДЛУКИ

1. Поведување на постапка

Член 109
Одлуките од својата надлежност Советот ги донесува по предлог на Градоначалникот на Општтина Чаир.

Член 110
Советот може да донесе одлуки од своја надлежност и по иницијатива од членовите на Советот, јавните служби, градот Скопје, Младинскиот Совет, месна самоуправа, здруженија, граѓаните и други субјекти.
Иницијативата се доставува до претседателот на Советот, кој ја упатува до Градоначалникот заради давање мислење.
Ако Градоначалникот смета дека нема потреба од донесување на одлука, за тоа ќе го извести претседателот на Советот и подносителот на иницијативата, наведувајќи ги причините за тоа.
Советот, во случај на став 3 од овој член, може, врз основа на свој заклучок, да донесе одлука во врска со иницијативата.

2. Предлог на одлука

Член 111
Градоначалникот своите предлози за уредување на определени прашања од надлежност на Советот ги поднесува, по правило, во форма на предлог на Одлуки.
По исклучок одлуката може да биде поднесена во форма на нацрт.

Член 112
Предлогот на одлуката ги содржи причините поради кои треба да се донесе одлуката, содржината на одлуката и образложение.

Член 113
Причините за донесување на одлуката ги содржат:

  • Правните основи по кои соодветните прашања може да се уредуваат;
  • Целта што се сака да се постигне со уредување на односите , како и последиците што произлегуваат од дадените решенија,
  • Финансиски средства потребни за спроведување на одлуката и начинот на обезбедување на тие средства.

Член 114
Содржината на одлуката што се предлага да се донесе се изготвува во вид на правно формулирани одредби.

Член 115
Текстот на одлуката мора да биде образложен.
Образложението особено ги опфаќа: правните основи за уредување на односите содржани во одлуката, причините поради кои се донесува одлуката , оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со одлука и извршувањето на постојните прописи во таа област , финансиските средства потребни за спроведување на одлуката и начинот на нивното обезбедување, дали спроведувањето на одлуката повлекува материјални обврски за граѓаните, стопанските и други субјекти, како и околности што се од значење за прашањата што се уредуваат со одлуката.
Кон образложението на одлуката со која се вршат измени и дополнувања на постојната одлука, се приложуваат и одредбите на одлуката што се менува односно дополнува.

Член 116
Советот може по предлог на членовите на Советот или од Комисијата за прописи да донесе заклучок дека заради тоа што со одлуката се уредува сложена или обемна материја, како и во други случаи кога ќе оцени дека е тоа потребно, поднесениот предлог да се претресува и утврди како нацрт.
По завршениот претрес, Советот со заклучок ги утврдува своите ставови и забелешки кон нацртот и му ги упатува на предлагачот, за да ги има предвид при изработката на предлогот на одлуката.
Со заклучокот, Советот може да определи и рок во кој предлагачот треба да го изготви и поднесе предлогот на одлуката до Советот.

Член 117
Предлагачот е должен во образложението на така изработен предлог посебно да ги наведе причините за неприфатените мислења и забелешки по нацртот.
Кон предлогот се поднесува и придружната документација за сложени и обемни прашања, како и податоци за начинот на обезбедување на финансиските средства потребни за спроведување на Одлуката.

3. Претресување на одлука

Член 118
Претресот на одлуката, на седницата на Советот, по правило е единствен, доколку Советот не одлучи да води претрес по делови, односно членови.

Член 119
Советот може да одлучи да води одделно претрес во начело заради изјаснување за причините и потребата од донесување на предложената одлука и претрес по содржината на одлуката.

Член 120
Предлагачот на одлуката, односно неговиот претставник има право во текот на целиот претрес на одлуката да дава образложенија, појаснувања и да изнесува свои мислења.

Член 121
Градоначалникот, односно претставникот што тој го овластил може да учествува во текот на целиот претрес на одлуката на седницата на Советот и кога не е предлагач на одлуката.
Предлагачот може да го повлече предлогот во секој момент се до заклучувањето на претресот.
Со повлекувањето на предлогот на одлуката, претресот се прекинува.

4. Амандмани

Член 122
Амандманите се поднесуваат за измена или дополнување на решенијата содржани во предлогот на одлуката за која се води претрес на седницата на Советот.

Член 123
Амандманите се поднесуваат писмено и мора да бидат образложени.
Ако амандманот содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, подносителот на амандманот е должен истовремено да укаже и на можностите за обезбедување на тие средства.

Член 124
Амандманот може, по правило, да се поднесе на седница на матична комисија ,најдоцна 3 (три ) дена пред денот определен за одржување на седницата на Советот на која ќе се претресува предлогот на одлуката, а се поднесува преку претседателот на Советот.

Член 125
Претседателот на Советот предложените амандмани ги доставува на сите членови на Советот ина Градоначалникот,односно предлагачот.
Амандманите на предлогот на одлуката, претседателот на Советот го доставува и на Комисијата за прописи за да го проучи и на Советот да му достави извештај.

Член 126
Ако амандманот на предлогот на одлуката содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, претседателот на Советот, амандманот ќе го достави и на комисијата во чиј делокруг спаѓаат прашањата на буџетот.

Член 127
Член на Советот може, по исклучок, да поднесе амандман на предлогот на одлуката и на самата седница на Советот и во текот на претресот на тој предлог, само доколку материјалот по точката од дневниот ред е доставен 1(еден) ден пред денот на одржувањето на седницата на Советот на Општина Чаир или ако за оправданоста на амандманот одлучи Советот, со мнозинство гласови од присутните членови.
Членот на Советот може, по исклучок, да поднесе амандман на предлог одлуката и на самата седница, ако предлагачот со амандман кој е поднесен до заклучувањето на расправата, суштински ги менува решенијата во предлог-одлуката.

Член 128
Предлагачот на одлуката може да поднесува амандмани се до заклучувањето на претресот по предлогот на одлуката.
Амандманот на предлагачот на одлуката и амандманот со кој тој се согласил, се сметаат за составен дел на предлогот на одлуката.

Член 129
Кога амандманот се поднесува во текот на претресот на предлогот на одлуката, претседателот на Советот може да ја прекине седницата и да даде пауза за да можат подносителите да го изготват амандманот.

Член 130
За амандманот се води посебен претрес на седницата на Советот.
За амандманот има право да се изјасни предлагачот на одлуката и известителот на комисијата која ја претресувала одлуката.
Градоначалникот има право да се изјаснува за амандманите и кога тој не е подносител на предлогот.

Член 131
Ако на ист член од предлогот на одлуката се поднесени два или повеќе различни амандмани, за амандманите се гласа според редот по кој се поднесени.

Член 132
Доколку со некој од амандманите се предлага бришење на одделен член од предлогот на одлуката, прво се гласа за тој амандман и ако тој амандман биде усвоен, нема да се гласа за другите амандмани кои се однесуваат на тој член.

5. Итна постапка за донесување
на одлука

Член 133
Одлука може да се донесе и по итна постапка на редовна или вонредна седница на Советот.
Предлогот на одлуката што се предлага да се донесе на вонредна седница може да се достави на самата седница.
По итна постапка може да се донесе само одлука со која се уредуваат такви прашања за чие уредување постои вистинска и неодложна потреба и ако одложувањето на уредувањето на тие прашања би имало штетни последици за граѓаните на Општина Чаир или јавните служби што ги основала Општината Чаир .

Член 134
Советот отвора расправа за оправданоста на предлогот да се донесе одлука по итна постапка.
Ако Советот го усвои предлогот одлуката да се донесе по итна постапка, се пристапува кон претрес по предлогот на одлуката.

Член 135
Советот може пред или во текот на претресот, да побара од Комисијата за прописи или матичните комисии, да се поднесе мислење и дадат предлози по предлогот на одлуката.

Член 136
На предлогот на одлуката што се донесува по итна постапка секој член на Советот може да поднесe амандмани до заклучување на претресот.

6. Јавна и стручна расправа по нацрти на прописи

Член 137
Советот самостојно, на предлог на Градоначалникот или кога е тоа предвидено со закон, донесува заклучок за организирање јавна или стручна расправа по нацрт на одлуки и други општи акти за кои ќе се оцени дека се од особено значење за граѓаните на Општина Чаир.

Член 138
Кога ќе заклучи нацрт на одлука или друг акт да се стави на јавна и стручна расправа Советот ќе определи:

  • Нацртот на одлуката и другиот општ акт да се објават за да им бидат достапни на граѓаните и на други заинтересирани субјекти;
  • Да се обезбеди собирање и разгледување на мислењата и предлозите што биле изнесени во текот на расправата и
  • Да се изготви и достави до Советот извештај за резултатите од расправата.

За извршување на задачите од став 1 на овој член Советот може да формира посебно работно тело.
Ако нацртот на одлуката и друг општ акт што се ставаат на расправа ги поднел Градоначалникот, Советот може да заклучи задачите од став 1 на овој член да ги изврши Градоначалникот или работното тело што тој ќе го формира.

Член 139
Нацртот на одлуката и друг општ акт што се ставаат на расправа се објавуваат во дневните весници или на јавни места во урбани заедници и во просториите на Општината на јавен увид.
Кон нацртот на одлуката и друг општ акт се објавува и повик до граѓаните и другите заинтересирани субјекти да достават свои мислења и предлози.
Во повикот се означува кому му се упатуваат мислењата и предлозите, како и рокот до кога тие можат да се упатуваат.
Рокот за расправа не може да биде покус од 30 дена.

Член 140
Извештајот за резултатите од расправата ги опфаќа мислењата и предлозите што биле изнесени во расправата.
Извештајот од расправата се доставува до предлагачот на одлуката.
По добиениот извештај за резултатите од расправата, предлагачот изготвува предлог на одлука, при што ќе ги земе предвид предлозите изнесени на седницата на Советот по нацртот на одлуката и мислењата и предлозите што биле изнесени на расправата.
До Советот на Општина Чаир се доставува предлог Одлука како и извештај за спроведена јавна расправа со предлози.

Член 141
Во организирањето и спроведувањето на јавната расправа се остварува соработка со урбаните и месните заедници,а во организирањето и спроведувањето на стручната расправа со стручни организации и заедници,односно здруженија на граѓани.

X. ДАВАЊЕ СОГЛАСНОСТ НА СТАТУТИ, ИЗВЕШТАИ И ГОДИШНИ СМЕТКИ НА ЈАВНИ СЛУЖБИ

Член 142
Советот одлучува за давање согласност на статутот, годишните сметки и извештаите на јавните служби, основани од Општина Чаир, како и на други субјекти за кои со закон е определено Советот да дава согласност.
Доколку Советот не даде согласност ќе го задолжи Градоначалникот и субјектот кој бара согласност на статутот, годишната сметка и извештајот на јавната служба,да извршат соодветни измени,односно усогласувања по прашањата кои биле причина да не се даде бараната согласност.
Годишните извештаите за работењето на јавните служби, основани од Општина Чаир и на другите субјекти за кои со закон е определено Советот да дава согласност на нивните извештаи, до Советот на Општина Чаир се доставуваат во термини утврдени со закон.

Член 143
Статутите, годишните сметки и извештаите задолжително му се доставуваат на Градоначалникот односно соодветните служби заради давање мислење по нив .

Член 144
На седницата на Советот на која се расправа за давање согласност на статутот или годишна сметка или се разгледува извештај на јавна служба основана од Општина Чаир, како и на други субјекти за кои со закон е определено Советот да дава согласност или да се разгледуваат извештаи за нивното работење или состојбите во соодветната област, се поканува и овластен претставник на подносителот на материјалот.

Член 145
Статутот на кој е дадена согласност се применува од денот на влегувањето во сила на актот на Советот за давање согласност.
Согласноста на годишната сметка се однесува на текстот на кој Советот немал забелешки или на која се извршени бараните усогласувања.
За усвоените или неусвоените извештаи на јавните служби, основани од Општина Чаир, Советот донесува соодветен заклучок.

XI. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

Член 146
Градоначалникот има право и должност да присуствува и учествува во работата на седниците на Советот.

Член 147
Градоначалникот има право да определи свои претставници за седниците на Советот и комисиите.
Претставникот на Градоначалникот присуствува на седниците на Советот и комисиите и дава известувања и образложенија за предлогот и за други прашања кои се на дневен ред на седницата.

Член 148
Претседателот на Советот и претседателите на комисиите задолжително го известуваат Градоначалникот за закажаните седници.

XII. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО ЈАВНИТЕ СЛУЖБИ

Член 149
Советот има право да побара од Градоначалникот или од органите на управување на јавните служби што ги основала Општина Чаир, извештај за состојбите во определена област, за спроведување на политиката и за извршувањето на прописите и другите општи акти, што ги донел Советот во рамките на својата надлежност, како и за други задачи за кои се овластени од страна на Советот.
Советот може, со заклучок, да определи рок во кој јавните служби основани од Општина Чаир, се должни да поднесат извештај.
Јавните служби, основани од Општина Чаир, можат и по сопствена иницијатива да го известуваат Советот за состојбата во соодветната област, за спроведувањето на политиката и за извршувањето на прописите и другите општи акти што ги донел Советот, како и за други прашања од својот делокруг.

Член 150
Советот и неговите комисии имаат право, во рамките на својот делокруг, да бараат јавните служби:

  • Да проучат определено прашање од својот делокруг и за тоа да им поднесат извештај ,
  • Да ги известат за состојбите и појавите од областа на својот делокруг ,
  • Да ги известат за спроведувањето на политиката што ја утврдил Советот и за извршувањето на одлуките, другите прописи и општи акти и за одделни прашања од областа на својот делокруг ,
  • Да изготват предлог на одлука, на друг пропис или општ акт од областа на својот делокруг,
  • Да им ги достават податоците со кои располагаат или што се должни во својот делокруг да ги собираат и евидентираат, како и списите и другите материјали потребни за работата на Советот и неговите работни тела.

Ако субјектот од став 1 на овој член смета дека не може да постапи по барањето на Советот и неговата комисија, ќе ги извести за тоа Советот, комисијата и Градоначалникот и ќе ги изнесе причините поради кои не може да го стори тоа.

Член 151
Советот и комисиите ги известуваат јавните служби,за седниците на кои ќе бидат претресувани прашања кои се однесуваат од областа на нивниот делокруг, заради учество на нивни овластени претставници на тие седници.

Член 152
Раководните лица имаат право и должност да присуствуваат на седниците на Советот, кога на тие седници се претресува предлог на акт со кој се уредуваат прашања што се однесуваат на јавните служби, со кои тие раководат или друго прашање кое се однесува на областа од нивниот делокруг.
На седниците на Советот, раководните лица по барање на Советот, даваат известувања и објаснувања за прашањата што се разгледуваат, а се должни, по барање на Советот, да даваат такви известувања и објаснувања и по писмен пат.

Член 153
Раководните лица се должни по барање од комисиите на Советот, да учествуваат во работата на нивните седници, кога се разгледува предлог на акт со кој се уредуваат прашања што се однесуваат на делокругот на јавните служби, со кои тие раководат.

Член 154
Ако раководното лице е спречено да учествува во работата на седницата на Советот или на работното тело може да определи во работата да учествува негов овластен претставник.

XIII. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ

Член 155
Меѓусебните односи на Советот со советите на други општини се остварува во рамките утврдени со закон, Статутот на Општина Чаир и овој Деловник.
Советот соработува со советите на други општини во остварувањето на задачите од заеднички интерес.

Член 156
Советот може да соработува со советите на општините во постапката за подготвување на прописи и други акти од заеднички интерес, заради усогласување на ставовите и изнаоѓање на заеднички организациони и други решенија за вршење на надлежностите на општините.

Член 157
Соработката на Советот со советите на други општини, може да се врши со размена на информативни, документациони и други материјали, со формирање на заеднички работни групи за проучување на одредени прашања од интерес за општините, како и други видови на меѓусебна соработка.

XIV. ВРШЕЊЕ СТРУЧНИ РАБОТИ ЗА СОВЕТОТ

Член 158
Стручните и другите работи за потребите на Советот и неговите комисии и за членовите на Советот ги врши Општинската администрација.

Општинската администрација:

  • Учествува во подготвувањето на програмата за работа на Советот,
  • Учествува во подготвувањето на седниците на Советот и на работните тела,
  • Учествува во подготвувањето на одлуки и други општи акти и други материјали,
  • Им дава стручна помош на членовите на Советот,
  • Врши информативно-документациони работи за потребите на Советот,
  • Обезбедува неопходни услови за работа на членовите на Советот и
  • Врши административно-технички и други работи за потребите на Советот и комисиите.

XV. ИЗМЕНА НА ДЕЛОВНИКОТ

Член 159
Иницијатива за измена на Деловникот може да поднесат членовите на Советот, комисиите, Градоначалникот и други субјекти.
По иницијативата за измена на Деловникот одлучува Советот.

Член 160
По прифаќањето на иницијативата за измена на Деловникот, Комисијата за статут и деловник изготвува нацрт на одлука за измена на Деловникот.
Нацртот на одлуката за измена на Деловникот ја утврдува Советот и со заклучок ја задолжува Комисијата за статут и деловник, да изготви предлог на одлука за измена на Деловникот, при што треба да ги има предвид мислењата и забелешките изнесени во расправата пред Советот и неговите работни тела.

XVI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 161
Со влегување во сила на овој деловник престанува да важи Деловникот на Советот на Општина Чаир (“Службен гласник на Општина Чаир“ бр. 12/05).

Член 162
Овој Деловник влегува во сила со денот на објавување во ,,Cлужбен Гласник на Општина Чаир”.

Претседател на Советот на Општина Чаир
М-р Захир Бектеши д.в.с.р.

Пречистен текст
Претседател на Комисијата за Прописи
Марија Кондовска Вељовска д.в.с.р.