Интервју со Висар Ганиу: Работиме и надвор од работното време

161

Кои се приоритетните проекти што планирате да ги реализирате годинава?

– Целата моја програма, наречена „Договор“, е приоритет за нас. Но сега ја утврдуваме динамика како да ги реализираме тие проекти. Многу од нив поради недостиг на комплетна документација ќе ни одземат повеќе време. Годинава планираме да почнеме со реконструкција на подземната инфраструктура на Серава во партнерство со Министерството за екологија и мислиме дека половина од проектот ќе биде завршен оваа година, а другата половина идната, затоа што природата на проблематиката е таква што бара повеќе време. Не можеме да работиме во сите населени места одеднаш бидејќи ќе ги блокираме граѓаните, така што ќе одиме улица по улица. Исто така, мислиме дека оваа година ќе ја завршиме реконструкцијата на спортската сала „Партизан“, за која е одвоен буџет од 12 милиони денари. За годинава приоритет ни е и градењето на спортската сала во дворот на основното училиште „Конгреси и Манастирит“, а исто така ќе ги ревитализираме зелените површини во соработка со јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Имаме и други помали проекти, но се многу значајни за нашите граѓани, како на пример осветлувањето.

Поминаа четири месеци откако сте градоначалник. Можете да ни кажете некој конкретен проект што сте го почнале и сте го завршиле во овој период?

– Како што кажав, поради недостаток на документација, во првите месеци не можевме да почнеме со реализација на капиталните инвестиции. Но презедовме активности за одржување на чистотата на животната средина, при што ангажиравме сезонски работници од страна на општината кои собраа 50 кубни метри градежен отпад и 200 кубни метри јавен отпад. Работиме на редовно одржување на јавното осветлување на територијата на општина Чаир и во наредниот период ќе инсталираме нови бандери за осветлување. Ги исековме гранките и опасните дрвја на улиците „Џон Кенеди“, „Македонско-косовска“ бригада, „Втора македонска бригада“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Кемал Сејфула“ и преостана сечењето на дрвјата во паркот во Чаир. Ова акција ќе продолжи натаму кај другите секундарни патишта заради постигнување на соодветен ефект на јавното осветлување. Исто така, општинскиот инспекторат ќе продолжи со отстранување на нелегалните продавачи од јавните места каде што циркулираат граѓаните и ќе ја спречи окупацијата на јавните простори, меѓу другото и со акции за уривање на некои објекти што се без градежни дозволи.

Има критики дека во сообраќајот во Општината владее вистински хаос. Како мислите да го решите овој проблем?

– Решавањето на проблемот со сообраќајот ќе биде можно со изградба на кружни текови на постојните булевари на Општината Чаир и со воспоставување режим за еднонасочни улици, за почеток во стариот Чаир и во Топанско Поле. Големо влијание ќе има и стратегијата за патната сигнализација.

 Која е вашата порака до тие што се паркираат на главните улици и го блокираат сообраќајот?

– Мојата порака до тие луѓе е да не постапуваат на таков начин и да се однесуваат според правилата на сообраќајот. Во Чаир, каде што живееме, треба заедно да инвестираме и да ја вратиме сликата на овој стар дел на Скопје како изграден и цивилизиран. Би дал и една препорака до МВР, особено до Секторот за сообраќај да биде поактивен и да воспоставува правила во сообраќајот, но и да обезбеди повисоко ниво на граѓанска безбедност. За ова писмено се обратив до надлежните институции и се гледа дека има видливо подобрување.

Ветивте изградба на катни гаражи со буџет од една милијарда денари. Ги одредивме ли локациите каде ќе се изградат овие гаражи и кога очекува да почне изградбата?

– Со изградбата на Бит-пазар предвидено е да има простор за 240 автомобили. Годинава ќе го почнеме и проектот за изградба на катната гаража кај Албанскиот театар, кој е веќе во процедура, каде што еден дел од земјиштето е на Министерството за култура, но очекуваме со одлука на Владата да ѝ биде дадено на Општината. За ова веќе контактиравме со градоначалникот на Град Скопје и со директорот на Јавното претпријатие за јавни паркинзи. Тие се подготвени овој проект да почне да се реализира во текот на оваа година. Исто така, предвидовме локација за паркинг на Пластичарска улица која исто така ја понудивме на Јавното претпријатие за паркинзи со цел да инвестираат таму и, се разбира, потоа во иднина заедно да ги менаџираме паркинзите, при што поголемата дел од заработката ќе ја има претпријатието, а еден помал дел ќе го има општината.

Во Старата скопска чаршија кафулињата ги проширија терасите по улиците и го узурпираа патот низ кој одат пешаците. Ќе преземете ли нешто да го спречите тоа?

– Одговорноста за Старата чаршија е поделена – дел е во надлежност на Општина Центар, а еден дел во надлежност на општина Чаир. Инспекторатите заедно ќе соработуваат, ќе ја проверуваат документацијата на кафулињата и ќе преземаат релевантни мерки против тие што ги узурпираат јавните простори. Ве уверувам дека ќе преземеме чекори и ќе составиме закон кој ќе биде достоен за чаршијата и со кој ќе се одреди под какви критериуми и услови кафулињата ќе имаат право да ги користат терасите.

Дали сте оптимист дека во рамките на вашиот четиригодишен мандат ќе успеете да ги реализирате сите тие проекти што ги ветивте?

– Јас сум оптимист по природа. Уште од почетокот на должноста многу пријатели ми сугерираа дека има големи проблеми во Општината. Според извештаите, Чаир е општина со најголем број жители на олкава површина. Но мислам и уверен сум дека сите проекти што ги имам во програмата ќе ги реализирам. Често сум слушал и од други дека најтешката работа е да се подготват документациите и дека тоа одзема многу време. Откако сум градоначалник на Општина Чаир, екипите работат и надвор од работното време и ги подготвуваат деталите за секој проект што го имав во програмата. Мислам дека ова е многу големо олеснување, така што во иднина нема да имаме проблем околу проектите, но ќе се концентрираме на партнерството со Градот Скопје и со Владата, како и на грантови од амбасадите за да ги реализираме сите тие проекти што ги ветивме пред граѓаните.

Арменд Мурсели

Добијте ажурирања во реално време директно на уредот, сега се претплатите.

Објави од иста категорија

Оваа веб-страница користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Прочитајте повеќе