Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу заедно со потпретседателката на оваа општина, Сермине Пурини, денеска престојуваа во посета на Општина Арачиново, каде што остварија работна средба со градоначалникот Ридван Ибраими.
-Фокусот на разговорот беше ставен на зацврстувањето на соработката меѓу Чаир и Арачиново, за што констатиравме дека ќе биде многу добредојдена, со оглед на блискоста и роднинските врски што ги имаат жителите на двете општини, изјави градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.
Тој додаде дека со домаќинот се обврзале дека преку заеднички проекти ќе се обидат да влијаат врз подобрувањето на благосостојбата на жителите на двете општини.
-Градоначалникот на Арачиново го потсетив дека општина Чаир, но и јас како нејзин градоначалник отсекогаш сме биле и ќе продолжиме да бидеме подготвени и отворени за воспоставување добри односи на соработка со другите општини низ државата и пошироко, рече Ганиу.