Зачувување на културното наследство преку историски натписи
Презентацијата на проектот „Натписите на Северна Македонија“ го одбележа Скопје како простор каде културното наследство повторно добива глас и значење. Оваа културно-академска манифестација, организирана од Меѓународниот балкански универзитет, го стави во фокус значењето на епиграфските натписи како сведоштво за историјата, идентитетот и соживотот низ вековите.
Претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамед Муртези, беше дел од овој симболичен настан кој започна во Мустафа-пашината џамија, со поставување информативен натпис со кратка историска содржина на четири јазици, а продолжи во Чифте амам, каде беше отворена изложбата посветена на културното наследство. Во рамки на проектот се одржа и академска панел-дискусија, како и промоција на книгата „Натписите на Северна Македонија“, со што беше потврдена пораката дека зачувувањето на минатото претставува вложување во иднината.
Во оваа насока, културата и колективната меморија продолжуваат да градат мостови меѓу генерациите, правејќи ја историјата не само видлива, туку и разбирлива за современото општество.
